
Вечерва во СБЦ арената во Сан Антонио, ќе започне 59. издание на финалето во НБА-лигата, во коешто ќе се сретнат Сан Антонио спарс и актуелниот шампион Детроит пистонс.
Во своето 36. плејоф учество, Детроит стигна до финалето откако со Мајами одигра макотрпна серија од седум натпревари, што значи дека ќе влезе изморен против "мамузите", кои се закитија со титулата пред две сезони. Поради подобриот скор во победи во регуларниот дел од сезоната, Сан Антонио ќе ја има предноста на домашен терен, а серијата ќе се игра по системот 2-3-2.
Овие два тима се најдобрите дефанзивни состави во целата лига, а токму одбраната им помогна да ги елиминираат далеку поофанзивните Мајами и Феникс, кои беа најпосакуваната двојка за големото финале во американската кошаркарска јавност. Интересни ќе бидат директните дуели на актерите од првите петорки. Доберманот Брус Боувен ќе му се "залепи" на Ричард Хемилтон, првиот стрелец на Детроит. Тим Данкан им одржа лекција по центарска игра на Шон Мерион и на Амари Стадемаер од Феникс, но овојпат ќе има големи проблеми со тандемот Волис - Волис. Рашид мисли на нападот, а Бен е најдобриот одбранбен играч во последните пет години во НБА. Клучна улога ќе одиграат долгите клупи. Кај Сан Антонио тоа се Малик Роуз, Роберт Хори и Брент Бери, а Детроит ги има Елдин Кембел, Антонио Мекдајс и Линдзи Хантер.
Двајцата тренери, Лери Браун и Грег Попович, се одлични пријатели и практикуваат слична филозофија на теренот, а тоа е форсирање брзи и лесни поени во што пократок напад.
Според аналитичарите, ова финале е досега најизедначеното и најнеизвесното, бидејќи статистиката на двата тима во сите категории, екипно и индивидуално, е речиси еднаква.